„ Реалноста нема наслов “ – Samantha York

Зошто секогаш се враќаме онаму каде што нема ништо друго освен пепел? Како можеш да помислиш дека нешто што било повеќе дрво отколку огноотпорен метал вреди да го исплаќаш одново ?

Ниту еден оган не може да замени само еден пламен, но не мислете дека +50 степени можат да им помогнат на -50. Останува чиста пустелија.
Вината? Најмоќното оруже дефинитивно, но каде со неа ? Сигурно сме подобри од тоа понечисти од некого да го каменуваме полека и најболно со понекое парченце вина. Класична непочит, чисто предавство, непростлива изневера.

-„Ама, јас го сакам, го сакам толку многу што навечер тој сигурно не може да спие, затоа што е буден во моите соништа. Го љубам толку многу што секогаш сум ненаситна од него. Мојата немир може да ја смири само тој. Во моменти кога ми се кине и душата и срцето мислам само како би ми било кога тој би бил до мене. Секое ќоше, секој стих, секоја слика наликува на него, умирам по спомените, а знам дека од спомени не се живее. Си ја заситувам гладта во некоја залутана ноќ со него, случајно, судбината пак не довела еден до друг и каде? Каде да одам понатаму кога желбата само да го бакнам е поголема од таа да ги оживеам спомените повторно? Нема доверба, ми се превртува се во стомакот, и тоа не се пеперутки, тоа е чувството на одвратност, гадење при помисла на секоја протечена солза … и знам. Погрешно место и погрешно време, и тогаш и сега, нашата љубов е практично невозможна. Да најмил, затоа што, нашата љубов не е доволна.“

Што ако го сакам? Што ми носи непочитуваното љубење? Искривени погледи, едно ладно „Здраво“ само затоа што единствено тоа си го должиме еден на друг. Желбата да бидеш со некого, да го сакаш најмногу и потоа да си со него и нешто да не ти дозволува да му се доближиш, не буквално, метафорички. Како да се пазиш од самиот себе.

Не сожалувајте, иако, секогаш е човечки да испаднеш добар, ама не секој го заслужува тоа човечко однесување, затоа што, не секој е човек.

Кога правите работи и потоа се прашувате „Зошто?“, веројатно не е поради сите тие причини кои почнуваат со „Затоа што… “, најверојатно е поради тоа што не знаете што уште да направите, немојте.

Љубовта може да биде само повод, никогаш причина. Причина може да биде само од негативна страна, да се прекине, и тоа ако ја нема.

На крај, на половина пат, секој пат само ќе го прегризнеш јазикот да не се опцуеш самиот себе, ќе подголтнеш уште една кнедла во грлото и ќе знаеш дека бесцелните работи во животот не даваат ништо друго освен лажна надеж за стара навика, кочници онаму каде што треба да додадеш гас и ѕидишта повисоки и од преродената гордост во моментот кога ќе треба да го видиш новото жарче оган.

На крајот од патот, може и да се случи чудо.

Image

– Samantha York

„Слатки маглишта“ – Samantha York

Одамна немав посакано медени усни место вечера, а верувајте, вечерата е нешто што не можат да ми го сокријат ниту во скопскава магла. А малце ми е страв од неа, некако како се да тоне, како Скопје да е превртено наопаку, а ние воопшто да не можеме да го видиме тоа. Пред неа, во „чистиов“ воздух сите шетавме со маски на лицата, да не ме разберете погрешно, никакви гас-маски … мислам на маскенбал-маски. А сега од каде да знаеш кој се крие на метар од тебе, се кладам дека нема никој никого да препознае.

Слатка е маглата, а уште послатка е љубовта во мојата соба. Е тука и мене ми одговара, да можам да знам дека прозорецот и без завесите ми е сокриен, а јас и во облека да се чувствувам потполно гола. Далеку од се и сите и затворајќи ги очите да почнам да се губам во топлиот здив на инатот што му оди контра на срцето.

Како ми е само јас си знам. Не можам да знам која беше целта на секоја таква ноќ, обична, едноставна, но знам дека беше голема, сигурно е голема … и е сонувана да биде вечна. Чекав само еден збор, еден единствен збор, можеби чекав еден ден, некој посебен, така малце почист, некој поискрен, посветол … за времето повторно да почне да тече.

Image

– Samantha York

„ Кој е следен? “ – Samantha York

На кого? За кого да ја исцедам и последната капка крв од мене? Кој заслужува да ги добие дури остатоците ? … само остатоците ? Немам на кого да го дадам ни вишокот. Ме уби ти, ме убија сите.

Секоја чест за мене. Да наздравиме во име на мојата себичност и лошотија. Да се напиеме во име на ѓаволот во мене. Да пиеме до дно за моето прво место на црната листа на злото. За единствено нешто за кое што сум навистина добра е тоа што покрај мене, сите имате обрачи околу главата … баш добро ви стојат, ајде уште една чашка. Глупа, удави се во црвеното вино, така нема да мораш да размислуваш кого уште да уништиш.

До кога ќе пустошиш се и секого околу тебе ? – се прашувам. Колку пати го имам само слушнато ова, почнувам да размислувам на кој степен сум од нула до Луцифер? Кој го е*е Луцифер, не може тој со мене …

Време е да се дојде до уште една алиенација во мојот беден живот. Затоа што на моето лице веројатно од секогаш пишува: „Зае*и ме и ти, те молам.“

Злобата сама го испива и најголемиот дел од својот отров, злобата е нескротлива дури и тогаш кога ќе и направите најголемо добро.

Слика

– Samantha York

„ Те сакам ? “- Samantha York

А каде со твојов мирис? Што ќе правиме со твојата насмевка ? Колку пати да се стопам од твојот поглед? И како сега … која сила се употребува за да се турнат чувствата подалеку од тебе ?

Една ноќ во топлина, а низ мене лазат морници од студ. Сега ми е студено, по некоја секунда топло. Гледам напред, па се вртам позади, застанувам и полека вдишувам, не чувствувам ништо, мирувам … ги затворам очите полека … се навалувам наназад да се потпрам на студениот ѕид, и место тоа, ме обвиткуваат твоите топли раце, ненадејно, и повторно вдишувам … го намирисувам твојот бакнеж, и оп, ете го … мириса на љубов. 

Каква совршена комбинација се ноќта и твојата спонтаност.

И, како се викаше … како беа оние 2 збора, а 7 букви … Те сакам ?

Слика– Samantha York

 

 

” Само да знаеш … “ – Samantha York

Сеуште има уште премногу работи што сакам да ти ги кажам, дури и во моментите кога најмалку сакам да ти се обратам, посакувам да можам да ти вреснам во лице и наеднаш да излезе се од мене. Би се чувствувала полесно кога во еден здив би кажала се, да не морам да потрошам уште еден за тебе.

Да ти објаснам колку сум далеку од твоите клетви. Какво е чувството да се ослободиш од тебе. Во моментот кога ќе сфатиш дека се криеш во сенките од сопствените зла, ќе посакаш да го вратиш времето назад … и оп, ќе застанеш во тињата на испреплетените чувства, за тебе ќе закочам јас, во моментот кога ќе бидеш доволно близу за да ги споиш минатото и сегашноста, како што знаеше некогаш небото и земјата …

Животот без тебе ме расцепи на парчиња. Секој пат кога ние сме заедно е неизбежен хаос … ништо поврзано со нас не е едноставно. А јас не можам да си го приуштам неедноставното за сметка на леснотијата во сегашноста.

Само да знаеш … колку успеа. Како ме уништи. И само да знаеш, колку ми помогна, како ме прероди, колку се уништи.

large (4)

– Samantha York

„Нова есенска приказна “ – Samantha York

Колку ја мразам есента и нејзината привидна убавина. Лажливка прекриена со златоста на листовите. Се што носи со неа е пола златно, а пола проклето. Лажам, се е проклето. Каква способност на заведување ја има оваа лажливка, чиј е проклетиот шарм што го носи со себе.

Оваа есен проклето паѓа во сенка на претходната, но, за промена, дождовните капки го сменија ритамот, а проклетничката мами и со златните дни. Па, наеднаш и потклекнуваш, паѓаш на колена пред нејзината убавина па им правиш друштво и на листовите на земјата. Всушност, почнуваш да уживаш во нив, да не ти пречи нивното присуство во праменче од косата, да не ти пречи и пред-зимското студенило, и гледаш нагоре, златно сонце, златно небо … го менуваш погледот до тебе и сретнуваш нечив друг поглед и знаеш дека е есен, само што, повторно ја проколнуваш проклетничката : – „ Проклета да си, не уште еднаш ! “

Немој уште еднаш да се прашувам дали носиш заборав. Немој да ме оставаш во недоумици за тоа дали носиш нешто ново, нешто постојано, нешто што не е труло, нешто искрено, нешто подобро.

large (1)

 

 

– Samantha York

„ Најдобар од најлошото “ – Samantha York

Секоја нова порака, секој нов повик, секоја „ендемична“ шмекерска насмевка, секое намигнување … посвета, песна … сето оди во истиот кош на најлошите, кошот наречен „клише“. Кошот наречен „највисок степен на кретенизам“. Како можеш сеуште да се издвојуваш како најдоброто од најлошото ?

Постои ли воопшто можност за таква апсурдност, да чекаш нешто за кое што не знаеш ништо освен дека можеби е единственото нешто што ќе направи повторно да ја вкусиш брзината на животот ?

Непромисленоста во ноќите и спонтаноста на денот одамна не биле нешта кои што ги одбележале моите часови.

Најважно е дека, дури и по секој смешен обид и повторен неуспех, не чекорам далеку од онаа „јас“ која што покрај по тебе, сеуште трага и по уште некоја доза на ново утешение и уште една лажна привидност.

Кога повторно крвта ќе ми врие по секој, нечив, изустен збор ?

Image

– Samantha York